Белење на забите
Како што секој човек има единствен и уникатен отпечаток на прстите така и забите се уникатни – не само по број, форма, квалитет и положба во устата туку и по боја. Тие природно се со различни нијанси – од снежно бели до кремасти и сивкасти тонови, а бојата зависи од наследниот фактор како и од внатрешната и надворешната пребоеност. Надворешната пребоеност ја дава забниот камен, површинските забни наслаги, користењето на цигари, кафе, чај, вино... додека внатрешната пребоеност ја дава користењето на одредени лекови, лечени заби и наследни заболувања. Жолтеникавата пребоеност на забите е природна, тие заби се поцврсти, но под влијание на холивудските трендови, се повеќе се смета дека треба да имаме што побели заби.
Доколку не сте задоволни од бојата на своите заби постојат повеќе методи истата да ја промените со домашни или професионални методи.
Домашни и професионални методи за избелување на забите
Помеѓу домашните и професионалните методи за избелување постојат три клучни разлики: цена, интензитет на ефектот на избелување и трајност на избелувањето. За мали нијанси на избелување можете да користите производи кои ги има во дрогериите и специјализираните продавници, а за повеќе нијанси на избелување и за подолготрајни резултати консултирајте се со Вашиот стоматолог.
Домашни методи
Во домашни методи за избелување односно методи кои можеме сами да ги направиме се вбројуваат:
- Паста за избелување или паста за полирање
- Траки за избелување
- Средства за избелување кои се нанесуваат со четка
- Гуми за џвакање со честички кои делуваат абразивно
Треба да се води сметка на пастите за избелување и полирање бидејќи содржат честички кои се абразивни и при долготрајно користење може да ги оштетат забите особено ако не се здрави или им е оголен вратот. При употреба на лентите за избелување како и средствата за избелување кои се нанесуваат на четка треба да се придржуваме до упатството кое е приложено како и советот од нашиот стоматолог. Сепак правилната, редовна и темелна орална хигиена е предуслов за здрави и бели заби.
Од домашните методи треба да се напомене и употребата на електричните четки за заби како што се Curaprox Hydrosonic Easy, Black is white, Pro. Во однос на резултатите од истражувањата успешно ја отстрануваат надворешната пребоеност и пигментациите на забите предизвикани од кафе, чај, цигари, црвено вино и храна. Воедно корисни се и за одржување на белината после професионално белење во ординација.
Професионални методи
Професионалните методи за избелување се поефикасни и посигурни од домашните. Битно е да се избелуваат здрави заби и заби кои имаат здрави потпорни ткива а за тоа ќе се погрижи Вашиот стоматолог. Во професионалните методи за избелување спаѓаат:
- Оксидативно избелување
- Ласерско белење на забите
- Избелување на забите во домашни услови но под контрола на стоматолог
- Внатрешно белење на забите (обично се користи за поединечно избелување на лечени заби на кои им е изваден нервот).
Избелувањето е најмалку агресивна професионална метода. При таа постапка стоматологот нанесува гел за избелување при што се ослободува активен кислород. Како постепено се избелуваат забите така постепено со времето се враќа и природната боја назад, затоа после третманот на белење треба да се одржува постапката. Колку брзо ќе се врати претходната боја на забите зависи од начинот на живот - пушење, конзумирање кафе, чај, црвено вино итн.